Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе престојува во државна посета на Русија од 20 до 22 март на покана на рускиот претседател Владимир Путин, а фокусот ќе биде ставен на натамошниот развој на партнерските односи меѓу двете земји, објави во петокот Кремљ.
„Двајцата лидери ќе разговараат за тематски прашања за понатамошен развој на сеопфатните партнерски односи и стратешката соработка меѓу Русија и Кина“, соопшти Кремљ.
Посетата ја потврдија и од кинеското Министерство за надворешни работи.
„Целта на посетата е дополнително продлабочување на билатералната доверба“, изјави портпаролот на министерството Ванг Венбин, додавајќи дека шефот на кинеската држава ќе размени мислења со Путин за клучните меѓународни и регионални прашања.
За време на посетата ќе бидат потпишани повеќе билатерални документи.