Комичарот Дејв Чапел беше нападнат на сцената за време на неговиот настап во „Холивуд боул“, на Фестивалот на комедијата на Нетфликс во Лос Анџелес.

На снимките се гледа како маж трча на сцената и се судира во комичарот. Потоа напаѓачот бил одвлечен од бината од обезбедувањето. Чапел не е повреден, но друга снимка покажува дека напаѓачот е однесен со амбулантно возило поради видно изместување на неговата десна рака.

По нападот, Чапел се пошегува: „Тоа беше транс-личност“ – во однос на контроверзноста околу некои претходни шеги коишто беа протолкувани како „трансфобични“. Комичарот Крис Рок, кој настапи истата вечер, излезе на сцената до Чапел неколку мигови по нападот и се пошегува со: „Дали тоа беше Вил Смит?“

Ова се случува помалку од два месеци откако Вил Смит му удри шлаканица на комичарот Крис Рок на сцената на доделувањето на „Оскарите“ во март. И, може да покрене прашања околу слободата на говорот и безбедноста на сценските комичари и изведувачи.

Дејв Чапел, кого инаку го нарекуваат и „мизогинист, шовинист и општествено неприфатлив“, лани беше на удар на критики поради шегите за трансродовите луѓе во специјалниот настап снимен за Нетфликс – „The Closer“. Тој тогаш изјави дека „родот е факт“, со што предизвика бес на трансродовите личности на интернет.