Премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина во Охрид, ги пречека високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.
На дијалогот посветен на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што се води под покровителство на Европската Унија, учествуваат и претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата на Ковачевски со Борел и Лајчак беше истакната взамената заложба за решавање на сите отворени прашања по пат на дијалог, за што Северна Македонија е одличен пример.
– Сите досегашни преземени чекори и разрешени прашања по пат на отворен дијалог, обезбедија пред сѐ безбедност и континуиран развој, а Северна Македонија од заробена и изолирана држава денес е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи, земја со обезбедени услови за напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните, с енаведува во соопштението.
Ковачевски, и неговите соговорници се согласија дека местото на Западен Балкан е во Европската Унија особено во услови на геополитички превирања, длабока поделеност на светот и воена агресија на европскиот континент.
– Во тој контекст изразија задоволство од отвореноста на Србија и Косово по пат на дијалог да ги решаваат отворените прашања во име на подобра иднина за целиот Западен Балкан, каде конфликтите и несогласувањата треба да се остават за минатото време, се додава во соопштението.