9 дена срамен однос и на премиерот-дезертер и на институциите кои молчат и не преземаат активности во нивна надлежност. Пред 9 дена македонската јавност беше запознаена дека за премиер имаме лице кое е трајно неспособно и кое одбило да ја брани државата во 2001 година. Во државен интерес е согласно Закон за вонпарнична постапка, институциите да ја утврдат деловната способност на премиерот и за тоа да ја известат јавноста, односно судот да утврди дали трајно неспособниот премиер е деловно способен, ова денеска преку прес-конференција го истакна Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
-Институциите мора да реагираат професионално, да се издигнат над ситуацијата и да реагираат, посебно затоа што се работи за лице кое е премиер на држава. Институциите не смеат да молчат и за безбедносниот сертификат на премиерот кој одбил да не оди војска и да ја брани државата со тоа што приложил документ дека е трајно неспособен. Во ниту една НАТО членка не е возможно да имате пристап до највисоки државни тајни, а да сте ИЛИ потврден лажоман ИЛИ ако имате психо-физички и други здравствени проблеми кои можат да бидат пречка за издавање на безбедносниот сертификат. Премиерот кој требаше веднаш да си поднесе оставка, 9 дена бега, се крие и не и одговара на македонската јавност КОГА (?) лажеше, тогаш кога изјави дека не бил во војска затоа што бил на школување, или тогаш кога го приложи документот дека е трајно неспособен, вели Ковачки.
Тој додава дека во западните демократии кон кои се стреми Македонија, не е возможно најмоќната функција во државата да му биде доверена на човек кој одбил да ја брани државата тогаш кога таа го барала или на човек за кој постои документ со кој се потврдува дека истиот е трајно неспособен.
-Кризата во Македонија што ја создадоа не може да биде надмината со Влада на чие чело е премиер за кој се’ уште не е утврдено дали е деловно способен и од институции кои се заробени од лица под целосна партиска контрола на СДС. На Македонија и се потребни оставки и предвремени избори со цел излез од ќор-сокакот во кој не донесоа, истакна Ковачки.