Пет лица загинаа, а десет се повредени во вооружен инцидент што прерасна во заложничка драма во киевскиот регион Холосиевска. Четворица заложници се ослободени од полициските сили, додека напаѓачот е убиен.

Според Министерството за внатрешни работи, напаѓачот прво отворил оган врз цивили, а потоа се забарикадирал во продавница, каде што зел заложници. И покрај обидите на полицијата за мирно решавање, тој продолжил да пука и во внатрешноста на објектот.

Обвинителството соопшти дека дел од жртвите биле пронајдени на улица, додека едно лице било пронајдено во самата продавница.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информира дека меѓу повредените има и едно дете.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека пет лица се убиени, а десетина се ранети, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите.

– Министерот за внатрешни работи Игор Клименко објави дека напаѓачот кој отвори оган врз луѓе е елиминиран. Сите околности се разјаснуваат – наведе Зеленски.

Министерот Клименко дополнително соопшти дека напаѓачот бил ликвидиран откако специјалните сили упаднале во продавницата каде што се криел. Претходно се обиделе да воспостават контакт со него, но тој пукал кон полицијата.

Истражители од Националната полиција и Службата за безбедност на Украина работат на утврдување на сите околности поврзани со нападот.