Катастрофалниот извештај на Европската комисија за владеењето на правото е најсилната потврда дека правосудниот систем во државата е под сериозен политички притисок од ВМРО и Мицкоски, порача портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.

Кузеска посочи дека Европската комисија во својот најнов извештај јасно нотира мешање во судството и обвинителството, отсуство на реформи, широко распространета корупција и проблематични јавни набавки.

„Европската комисија во својот најнов извештај за владеење на правото јасно и недвосмислено нотира мешање и притисок врз судството и обвинителството од страна на претставници на власта. ЕК наведува дека нема реформи, има широко распространета корупција и проблематични тендери. Ова не е општа критика – ова е директна дијагноза на состојбата во која се наоѓа правосудниот систем во Македонија под актуелната влада на ВМРО-ОКГ“, рече Кузеска.

Таа потенцираше дека оценките на Европската комисија јасно се потврдуваат преку конкретни постапки и одлуки на власта.

„Она што Европската комисија го забележува како системски проблем, ние го гледаме секојдневно во конкретни постапки и одлуки на Мицкоски и неговата организирана криминална група. Поставување на луѓе блиски до ВМРО во клучни позиции во правосудството е веќе системска практика. Сопруга на ексградоначалник на ВМРО беше избрана за Судскиот совет, а обвинителка поврзана со Сашо Мијалков беше избрана, што покажува дека старата мрежа на криминал и контрола врз институциите повторно се враќа на власт“, обвини Кузеска.

Таа посочи и на директното влијание на извршната власт врз обвинителството и судството.