Љутков по кривичната пријава од синдикатите: Лага е дека се намалуваат платите, зголемени се за 6 отсто

Министерот за култура, Зоран Љутков, доби кривична пријава од Синдикатот на културата, а на ваквите обвинувања одговори во гостување на Радио Лидер.

Во текот на минатата недела, претставниците на Синдикатот на културата пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопштија дека поднеле кривична пријава против Љутков за злоупотреба на службената положба и овластување, како и за повреда на права од работен однос.

Љутков: Колективниот договор е испочитуван

Министерот за култура во изјава за Радио Лидер истакна дека гранковиот колективен договор во ниту еден момент не бил прекршен.

„Гранковиот колективен договор во ниту еден момент не е прекршен. Испочитуван е до крај. Општиот колективен договор е прекршен во 2023 година. Прекршен е со тоа што на минималната плата се додадени само 10 отсто на култура, а не на останатите. Затоа се појавуваше проблемот, а самиот синдикат отпосле призна дека тоа што е направено со општиот колективен договор, тие самите знаат дека тоа е незаконски“, рече Љутков.

Платите зголемени за 6 отсто

Тој додаде дека по направената корекција и усогласување на очекувањата со синдикатот, платите на вработените во културата се зголемени за шест проценти.

„Откако направив корекција и ги усогласив нивните очекувања – тие очекуваа зголемување од 10 отсто, а ние дојдовме со 6 отсто“, истакна министерот.

Љутков нагласи дека во јавноста се создава погрешна перцепција дека платите се намалуваат.

„Не сакам да се користи наративот дека им се намалени платите. Зголемени им се платите за 6 отсто.“

Тој појасни дека кога платите во државата се зголемуваат за 2.000 денари, во културата зголемувањето може да достигне и до 5.000 денари поради постоењето на посебен колективен договор.

Синдикатот со обвинувања за злоупотреба

За потсетување, од Синдикатот на културата посочија дека министерот, преку насоки испратени по електронска пошта и упатство кое сам го изготвил и потпишал, се обидел да ги наруши правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори.

„Министерот Љутков направи нешто што во правна држава не смееше да се направи. Со насоки пратени по мејл и упатство што сам го изготви и сам го потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори. Упатство или мејл не е закон, а министер не е над закон. Упатството што го изготви министерот Зоран Љутков со иницијатива го поднесовме до Уставниот суд, со која бараме истото веднаш да се стави вон сила и да се поништи поради неуставност“, велат од Синдикатот.

Од таму додаваат дека има повеќе од 800 тужби од вработени во културата против институциите и државата.