Емотивен момент од „Златна бубамара“ во чест на загинатите од кочанската трагедија
„Дали има друга земја во светот што доживеала колективна тага како нашата? Дали има луѓе во светот на кои плачот со векови им е секојдневие? Дали има нација што проплакала солзи како нашата? Дали има солза тешка еден тон? Дали има сон…“, праша Игор Џамбазов во емотивниот настап на годинашното издание на „Златна Бубамара на популарноста“, објави СкопјеИнфо.
Салата остана во молк, со тага во очите на присутните, но и со силен аплауз како потврда дека споменот е жив и дека трагедијата не се заборава. Вечерта помина во особено емотивна атмосфера.
Очекувано и разбирливо, беше оддадена почит на загинатите во пожарот во Кочани, а зборовите посветени на секој од нив потсетија дека зад бројките стојат имиња, животи и семејства.
„Кој ги уби тие деца?“
Во својот говор, Џамбазов јавно праша: „Кој ги уби тие деца?“.
Одговорот го даде самиот: „Наши неодговорни луѓе. Луѓе-нелуѓе. Тоа е новиот фашизам, луѓе. Нахранет со алчност, корупција и незнаење“, рече тој, оценувајќи дека трагедијата претставува симбол на системска негрижа и морален пад.
Неговите зборови беа проследени со тишина, а потоа и со долготраен аплауз од публиката.
Паралела со „Крвава бајка“
Џамбазов потсети дека пред три години на истата сцена рецитирал стихови од Славко Јаневски, алудирајќи на песната „Крвава бајка“, инспирирана од масакрот во Крагуевац во 1941 година.
„Тиквешко негде в некое село, кај слана тивко венеше цвете, убија дете. Кому му ги рецитирав овие стихови? Ја научи ли некој оваа поезија?“, праша тој, повлекувајќи паралела меѓу историските злосторства и современата трагедија.
Потсетувајќи на зборовите на наставникот кој рекол „Пукајте, јас и сега држам час“, Џамбазов праша: „Како кај нас не се најде некој да го каже тоа, да ги заштитеше овие деца?“, додека зад него на видеобим стоеше испишан насловот „Македонска крвава бајка“.
