„Да не влегуваме во замката на предизборната кампања во Бугарија“
Премиерот Мицкоски шри денешната посета на Штип даде одговор и за преписките на релација Скопје – Софија. Тој вели дека во услови на предизборие во бугарското општество, главна тема сакаат да биде Македонија.
Ќе го гледаме нашиот интерес, да не влегуваме во замката на предизборната кампања и реториката која е дел од предизборието во Бугарија. Јас жалам што во отсуство на сериозна визија, проекти, стратегија и политики главна тема сакаат да биде Македонија и македонското прашање, вели Мицкоски.
Ваквата изјава е по дипломатскиот скандал и по тензијата на релација Скопје – Софија.
Мицкоски посака на бугарските избори да има влада со која ќе се соработува
Премиерот посака успешна изборна трка на бугарските политичари и изрази надеж за соработка со идната влада на Бугарија.
Јас им посакувам успешен избор и конечно по седми пат да изберат стабилна и успешна влада со која може да преговараме ние како македонска влада. Тоа се очекува од добри соседи, па затоа постои и договор којшто е наречен добрососедски договор, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.