Не случајно се вели дека локалните власти и општинската самоуправа се првата, основна и појдовна точка за сите прашања што ги засегаат граѓаните во местото каде што живеат. Но, за СДСМ локалната власт е само уште еден извор на криминал. На 14-ти јули 2020 година во медиумите имавме вакви вести: “Полицијата трага по градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев и градоначалникот на Дојран Анго Ангов поради давање на предизборен поткуп во Василево и во општините кои гравитираат околу Струмица. Јавен обвинител веќе определил мерка притвор за двајцата”, изјави денеска во коментар на денот, Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– Точно година дена подоцна, на 13-ти јули 2021 година во медиумите имаме вест дека СДСМ ги објави првите 30 кандидати за градоначалници на престојните локални избори. Меѓу нив се и имињата на градоначалниците на Василево и Дојран. Ништо поразлично не е и во останатите општини, истите имиња, без нова понуда. Истите кадри, оние кои со предизборен поткуп ја украдоа победата, тие луѓе се незаменливиот кадар на СДСМ. СДСМ не размислува за индивидуата која најдобро ќе ги претставува општините, старите кадри се доказ дека фокусот не се граѓаните, фокусот е во криминалот, поткупот, неработењето и зачувувањето на власта по секоја цена, посочи таа.

Митева истакна дека на гласачите им треба нов начин на размислување што ја претставува нашата подготвеноста да се најде заеднички јазик.

– Општините нема да бидат затворен бирократски инструмент само за политичка пропаганда, за ВМРО-ДПМНЕ општините ќе бидат отворен сервисен центар за потребите на сите граѓани во таа општина. Отворени и ефикасни општини и такви градоначалници што имаат слух за потребите на граѓаните ѝ се потребни на Македонија, додаде таа.