Масовните протести во Албанија продолжуваат петти ден, а демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама. Полицијата употребила и гумени куршуми за да ги растера учесниците. Неколку демонстранти и двајца новинари биле погодени, а во судирите има десетици повредени полицајци и демонстранти.

Шефот на албанската полиција, Скендер Хита, не ја негирал употребата на гумени куршуми, но изјавил дека сите средства биле употребени во ограничен обем. Седум полицајци се суспендирани и се соочуваат со дисциплински постапки поради сомневања за пречекорување на овластувањата и непропорционална употреба на сила.

Според полициските податоци, досега се уапсени 1.067 лица, а против 388 е поведена кривична постапка.

Демонстрациите се поттикнати од обвинувањата за корупција во владата, недостигот од работни места и незадоволството од состојбите во образованието. Во изминатите денови протестите ескалирале: биле запалени владини објекти и банки, демонстрантите фрлале камења кон полицијата, а безбедносните сили употребиле солзавец и водени топови.

Немирите претставуваат сериозен политички предизвик за Рама, кој минатата година освои четврти последователен мандат. Владата е под притисок и поради неколку корупциски скандали, кои дополнително ги отежнуваат напорите на Албанија да стане членка на Европската Унија.

Незадоволство предизвикува и луксузниот туристички комплекс на албанското крајбрежје, поддржан од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Локални жители тврдат дека земјиштето за проектот било незаконски продадено. „Ројтерс“ објави дека лицето што го продало земјиштето било барано од обвинителството под сомнение за трговија со дрога. Неговиот адвокат ги негирал тие наводи.

Рама ги отфрла обвинувањата за незаконско постапување и вели дека нема да поднесе оставка. Тој рече дека владата го почитува правото на студентите да протестираат, но нагласи дека негов приоритет останува развојот на земјата и нејзиното пристапување кон Европската Унија. Владата си поставила цел Албанија да стане членка до 2030 година.