Најмалку 19 лица загинаа во поплавите и свлечиштата предизвикани од обилните врнежи и силните бури во делови од Индија и Непал. Во Непал се трага и по 10 работници што исчезнале откако лавина го затрупала базниот камп на планината Химлунг Химал, додека нивото на повеќе реки во двете земји продолжува да расте. „Ројтерс“
Во индиската сојузна држава Утар Прадеш во последните 48 часа загинале 15 лица, а петмина биле повредени. Невремето оштетило 117 куќи и зафатило 63 области.
Во период од 24 часа во Утар Прадеш биле регистрирани врнежи 19 пати поголеми од вообичаеното количество. Надлежните служби ги засилиле активностите за помош и процена на штетите.
Во Непал загинале четири лица, меѓу кои три деца и една жена, откако свлечиште ја затрупало нивната куќа додека спиеле. Несреќата се случила во селото Ниши Кола, во округот Баглунг.
Десет работници се водат како исчезнати по лавината што го погодила базниот камп на Химлунг Химал, планински врв висок 7.126 метри, во северниот округ Мананг. Тие поставувале шатори за странски алпинисти, кои не биле во кампот во моментот на несреќата.
Според Здружението на оператори на експедиции во Непал, меѓу исчезнатите се осуммина членови на придружниот персонал на „Himalayan Holidays Nepal“ и двајца вработени во „Imagine Nepal Treks“. По лавината бил изгубен контактот со нив. „Хималајан тајмс“
Непалските власти предупредиле на можност од ненадејни поплави во 49 од вкупно 77 области. Повеќе од половина од територијата на земјата е изложена на висок ризик од поплави или поројни поплави, додека водостојот на големите реки и нивните притоки продолжува да се зголемува.
Поплавите на реката Рахуганга оштетиле делови од далноводот на хидроцентрала со капацитет од 40 мегавати. На терен бил испратен технички тим што треба да ја процени штетата и да започне со санација.
Во Индија, 30 мерни станици на реките во седум сојузни држави се во критична состојба. Неколку големи реки, меѓу кои Ганг, Гандак, Коси, Багмати и Нармада, го надминале опасното ниво.
Невремето предизвикало прекини и во телекомуникациските врски во делови од Непал, откако биле оштетени оптичките кабли и електроенергетската инфраструктура.
🚨#NEPAL : Heavy flooding has been reported in the Narayani River in Chitwan after continuous rainfall, with the river crossing the danger level. Setibeni in Syangja, Gulmi and Parbat is also inundated, with bridges reportedly swept away.#Flood pic.twitter.com/rSTZulOOLg
— SilentFrame (@SilentFrameM) September 27, 2026
