Политички договор ќе одлучи за новите министри
По официјалната одлука на Алијанса за Албанците да ја напушти Владата и да премине во опозиција, се отвора прашањето кој ќе ги пополни испразнетите министерски места – за здравство и за добро владеење.
Засега, нема официјални преговори за тоа кој ќе ги наследи досегашните министри од редовите на партијата на Арбен Таравари. Еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Биљал Касами, вели дека за какви било кадровски промени е потребен политички договор, пренесува Телма.
„Во моментов нема конкретни преговори, сè зависи од договор меѓу коалициските партнери“, изјави Касами за медиумите.
Во продолжение погледнете ја изјавата.
Причините за напуштањето – Балансерот и маргинализацијата
Алијансата за Албанците завчера едногласно одлучи да делува како опозициска партија. Таравари ја образложи одлуката со, како што рече, системска маргинализација на Албанците и укинувањето на Балансерот – алатка за правична застапеност на етничките заедници во јавната администрација.
„Се отвора нова политичка реалност, во која нашето делување ќе биде насочено кон заштита на интересите на Албанците од опозиција“, истакна Таравари.
Закон за правична застапеност во завршна фаза
Касами најавува договор за испразнетите министерски места. Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Иљми Селами Меџити, најави дека конечното решение за Законот за правична застапеност е во завршна фаза. Според него, на текстот на законот работат експерти ангажирани од партиите и Владата.
Мицкоски: Ќе именуваме нови имиња на местото на Таравари и неговото крило
Целта да се обезбеди фер застапеност на сите заедници.
„За кратко ќе биде подготвен конечниот предлог. Овој закон е од клучно значење за стабилноста и довербата во институциите“, нагласи Меџити.