Експертите го поврзуваат со подобрени услови за размножување

На албанскиот дел од Охридското Езеро, во близина на Подградец, изминатите денови е регистрирано зголемено присуство на риба од видот клен, објави локалната телевизија Televizioni SOT7. Станува збор за вид од фамилијата на крапот, кој во поголем број е забележан долж крајбрежјето.

Според експертите, појавата е резултат на мерките што надлежните институции ги спроведуваат во последните три години, со цел создавање подобри услови за размножување на рибниот фонд.

Апел за заштита и мерки и од македонска страна

Надлежните упатуваат апел за почитување на правилата за риболов, со цел зачувување на водното богатство. Според најавите, ваквата состојба се очекува да продолжи и во наредниот период.

Се посочува дека слични активности треба да се преземат и од македонска страна, како од институциите, така и од риболовните друштва, за да се поттикне размножувањето на рибниот свет.

Воедно, се нагласува потребата од засилени контроли и построги санкции кон сите кои вршат злоупотреби.