Обиколницата кај Крива Паланка, која беше реконструирана, денеска е свечено пуштена во присуство на владини претставници. Се работи за пат во должина од 4,5 метри и ширина од 7,5 метри со поставена хоризонтална и вертикална сигнализација. Со реконструкцијата опфатени се и двата моста.

За вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, се работи за значајна патна инфраструктура која е дел од Коридорот 8 и која не претставува само обиколница на Крива Паланка, туку и врска со соседна Бугарија.

Николоски најави и реконструкција на граничниот премин Деве Баир кон Бугарија со очекување дека првата фаза која опфаќа обнова на постоечкиот објект ќе заврши до јуни. Во втората фаза планирано е проширување на овој граничен премин.

Со експресниот пат до Страцин, обиколницата и реконструкцијата на граничниот премин, како што посочи Николоски, како држава го завршуваме источното крило од Коридорот 8.

– Големи проекти не можат да се водат без првиот човек на Владата и за тоа сум особено благодарен. Премиерот е дневно посветен на овие проекти, интензивно се работи и на железничкото поврзување, рече Николоски.