Најмалку четири лица загинаа, а уште две се во критична состојба по престрелките што се случија во петокот вечерта и рано утрово во округот Принц Џорџ, во американската држава Мериленд, соопштија локалните власти.
Полицијата пронашла три жени со прострелни рани во градот Хајатвил во петокот вечерта околу 22:50 часот, објави окружната полиција на Твитер.
Една од жените била прогласена за мртва на местото на инцидентот, додека другата починала откако била примена во болница, а третата е во критична состојба, објави ЕнБи Си Њуз.
Половина час подоцна, полицијата повторно се огласи на Твитер, пишувајќи дека пронашле маж со прострелни рани на речиси два километри од првиот инцидент. Тој бил прогласен за мртов на лице место.
На 16 километри од местото на инцидентот, уште една жена и еден маж се пронајдени во комбе, утрово околу 3.25 часот, соопштија локалните власти.
Мажот бил мртов, а жената била префрлена во болница со повреди опасни по живот, откако била застрелана.
Се уште не е познато дали пукањата се поврзани, а детективите се обидуваат да ги пронајдат осомничените и да ги откријат мотивите.