Иран би можел повторно да го отвори Ормускиот Теснец во рок од неколку дена доколку Соединетите Американски Држави ја укинат блокадата, изјавил висок ирански претставник за „Ројтерс“. Тој го опиша Генералното собрание на Обединетите нации како „златна можност“ за обновување на дипломатијата меѓу Техеран и Вашингтон.

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан ќе присуствуваат на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Тоа ќе биде првпат двајцата да се најдат на ист настан откако Трамп во февруари ја започна операцијата „Епски бес“ против Иран.

Според иранскиот претставник, делегацијата на Техеран има целосно овластување да ги обнови преговорите, но засега не е планирана директна средба меѓу двајцата претседатели.

Директни разговори меѓу Иран и САД немало од јули, кога пропаднал привремениот договор за прекин на војната, само неколку недели откако го потпишале Трамп и Пезешкијан. Иранскиот претставник смета дека Вашингтон најпрво треба јавно да потврди дека сака спорните прашања да ги реши по дипломатски пат, по што би требало да се утврди временска рамка за продолжување на процесот.

„Генералното собрание на ОН е златна можност за САД да се вратат на дипломатијата“, изјавил тој.

Истиот претставник додал дека Иран преку посредници го испратил својот најнов предлог до Вашингтон на 16 септември.

Американскиот државен секретар Марко Рубио за „Ен-Би-Си“ изјави дека САД се отворени за разговори со Иран за време на Генералното собрание. Според него, тоа особено важи доколку разговорите можат да доведат до позитивен исход и исполнување на целите на американската политика.

Трамп во вторник треба да се сретне и со лидерите на шест арапски држави од Персискиот Залив – Бахреин, Кувајт, Катар, Оман, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Земјите од Заливот сакаат да биде обновен поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, но истовремено не сакаат Иран да добие преголемо влијание. Сите овие држави, освен Оман, на своја територија имаат големи американски воени бази, кои Иран во повеќе наврати ги напаѓал за време на конфликтот.

Цената на нафтата во вторникот благо се намали откако извори за „Ројтерс“ соопштиле дека Саудиска Арабија повторно го активирала нафтоводот што ги поврзува источниот и западниот дел на земјата.

Според истите извори, Саудиска Арабија би можела во рок од неколку часа повторно да почне да извезува нафта преку пристаништето Јанбу на Црвеното Море, но во помали количества отколку претходно.

Нафтоводот е главната алтернативна рута на Саудиска Арабија за извоз на нафта откако Ормускиот Теснец беше речиси целосно затворен. Тој беше ставен надвор од употреба по нападите на 10 септември, за кои Ријад ги обвини проиранските сојузници во Ирак.

Во меѓувреме, Хутите ги потиснаа владините сили во Јемен во обид да воспостават контрола врз преминот Баб ел-Мандеб. Тие извршија и директни напади врз Саудиска Арабија со балистички ракети и беспилотни летала.

САД, кои минатата година два месеца ги бомбардираа Хутите, досега ги одбиваа повеќекратните барања на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман да се вклучат во борбата против групата. „Њујорк тајмс“ објави дека Трамп во последен момент во неделата ги откажал планираните американски напади врз Хутите.