Се руши нова дивоградба во Гази Баба. Утрово започна акција за уривање на новоизграден бесправен објект, откако сопственикот продолжил со градежни активности и покрај издадено решение за запирање на градбата од Општина Гази Баба.
-Станува збор за објект кој се градеше бесправно, а во моментот на интервенцијата беше во приземје – карабина фаза.
И покрај издадено решение од градежен инспектор, стопирање на градбата и затворање на градилиштето, субјектот продолжил со градежни активности, со што директно го прекрши Законот.
Акцијата започна во 05:00 часот наутро, по претходна координација со МВР и фирмата задолжена за рушење.
Дополнително, беше спречена изградба на уште два нови објекти, кои беа во почетна фаза – ископани темели, на истата локација, веднаш до објектот што се рушеше.
Во рок од само 7 дена, се руши нова дивоградба во Гази Баба!
Апелирам до сите граѓани: почитувајте го Законот и не започнувајте со градење без соодветно Одобрение од општината.
Компромис со почитување на Законот ниту сум правел, ниту ќе правам!, напиша на својот Фeјсбук профил, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
