Повод за овој дел од разговорот беше словенечкиот нон-пејпер во кој се заговара прекројување на границите на Балканот како решение за сите отворени балкански прашања. Министерот Османи пет пати се обиде да ја релативизира оваа тема и ниту еднаш не кажа дека Македонија е против прекројување на границите на Балканот и покрај изјаснувањето за оваа тема од страна на Стејт департментот, од Москва, од германската дипломатија… Сите се едногласни против ново цртање на границите на Балканот.
Османи во емисијата секогаш вешто го избегнуваше одговорот велејќи дека македонската дипломатија не сака да влезе во стапица со отворената тема која има друга заднина и цел, дека единственото решение за проблемите на Балканот е евроатлантската интеграција на сите шест земји на Западниот Балкан, дека влезот во ЕУ ќе ги реши сите проблеми… За него содржината на нон-пејперот е стара тема, нема ништо ново во темата размена на териториии со различни цели, но иднината на регионот е евроинтеграцијата и нема друга алтернатива.
– Нашиот став во однос на содржината на нон-пејперот е јасен, но многу е важно да се види чија е идејата и што е целта. Не треба да се брза во констатацииите и шпекулациите и тоа може да скапо да ја чини Македонија да стане предмет на тие дебати, рече Османи.
Следуваше трето прашање: Зошто македонската диплматија молчи? И молчењето може да биде штетно. И следното, четврто: Дали за Македонија се прифатливи или не се идеите за размена на територии?
Османи одговори: Ние сметаме дека решението со границите на Балканот е со релативизирање на границите во интеграцијата во ЕУ. Единствена алтернатива е проширување на НАТО и членството на целиот регион во ЕУ. Не сакаме да бидеме дел од дебати за кои не ја знаеме целта и авторството. Може многу лесно да паднеме во стапица“.
И прашањето дека и некатегоричното не на менување на границите може да штети како и молчењето, Османи пак ја истакна стабилизирачката улога на НАТО и дека не сака на ова прашање да гледа од перспектива на објект.
И повторно уште еден обид од новинарот Христов: Лесно може од објект да станеме субјект. И пак нејасен одговор од Османи: Границите ќе се релативизираат во ЕУ. Мислам дека сум многу јасен. Нема алтерантива од тој пат. Треба да се продолжи по овој пат. Сите 6 земји се дел од процесот на проширување и овој процес во регионот е многу значаен, ги сплотува сите во ЕУ.
Прекројувањето на границите на Балканот би довело до ново крвопролевање, е заедничката оценка на бројни дипломатии на земји членки на ЕУ по објавувањето на содржината на тој нон-пејпер што се појави во Брисел. Во тој документ како решение се нуди припојување на делови од БиХ кон Србија и Хрватска, обединување на Косово и Албанија со дел од Македонија…
Одговорите на Османи на овие прашања почнува од 22 минута во видеото.