Без претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и носителот во ИЕ4 Венко Филипче помина првиот предизборен митинг на претседателот Стево Пендаровски кој се одржа во Прилеп. Наместо да го поддржи својот претседателски кандидат, Ковачевски одлучи да јаде тулумби во Сарај.

Изненадувачки за прилепчани е тоа што во градот под Марковите кули иако беше најавен како говорник, не се појави претседателот на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски. Изненадувачки, првиот митинг на претседателот траеше само дваесетина минути и на него покрај претседателот Стево Пендаровски се појави единствено пејачката Кристина Арнаудова која отпеа една песна на почеток и една на крај.

На видеото може да се забележи дека покрај Ковачевски таму не е присутен и носителот на СДСМ во ИЕ4, Венко Филипче.

Додека Пендаровски самиот се обидуваше да им објасни на прилепчани зошто тој е вистинскиот избор, премиерот Ковачевски беше на ифтарска вечера во Сарај, каде се служеа тулумби.

-Ми беше чест што вечерва присуствував на Ифтарската вечера на која што домаќин беше општинската организација на СДСМ Сарај. Рамазан е месец на обнова на душата и телото, шанса да се согледа и прифати вредното. Ифтарските вечери се можност за охрабрување и негување на нашата заедница, повод за обединување, за зближување со семејството и со пријателите. – напиша Ковачевски на Фејсбук во истиот момент додека Пендаровски говореше на сцената.