Македонија вечерва се соочува со сериозен бран пожари на отворено, со повеќе од 30 активни жаришта низ државата. Една од најкритичните точки е Општина Чашка, каде пожарот во атарот на селото Богомила зафатил големи површини со мешана шума и се заканувал да се прошири кон куќите.
Теренот на кој гори е тешко пристапен, што дополнително го отежнува гаснењето. На места пламените јазици се доближиле до домовите, поради што на терен се ангажирани локалните противпожарни екипи, вработени во јавните претпријатија и жители од Богомила и околината.
Поради сериозноста на ситуацијата и опасноста од понатамошно ширење на огнот, се повикува дополнителна помош од воздухопловните сили со специјализирани летала за гаснење пожари. Ангажираните екипи работат на спречување на огнот да зафати нови површини.
Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување апелираат граѓаните да бидат максимално внимателни. Високите температури, сувото време и ветерот создаваат услови пожарите брзо да се шират и да се појавуваат нови жаришта низ државата.
Состојбата во Богомила останува особено чувствителна поради близината на населеното место и тешко пристапниот терен, додека надлежните продолжуваат со интервенциите за ставање на пожарот под контрола.
