Музичко-сценски спектакл во 15 градови

Мјузикл со учество на над 100 уметници ќе биде третиот голем проект во рамки на одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Спектаклот е планирано да се изведе во околу 15 градови низ земјава, во текот на август и септември, пренесе СДК.

Идеен творец и режисер на проектот е Дејан Пројковски, кој најавува голем музичко-сценски перформанс посветен на најважните моменти од изминатите 35 години независност.

Пројковски: Перформанс што ќе ги спои генерациите

Според Пројковски, проектот нема да биде класична хронологија, туку уметничко патување низ годините на независноста, со цел да се поврзат генерациите преку музика, сцена и заеднички спомени.

Тој најави дека на сцената ќе бидат обединети пејачи, музичари и актери, со вклучување на повеќе уметности, како и сериозна техника и технологија. Пројковски го опиша проектот како еден од најголемите сценски спектакли на отворено.

Џамбазов ќе биде водител низ приказната

Водител низ приказната за 35 години независност ќе биде Игор Џамбазов, кој изјави дека е среќен и почестен што е избран како церемонијал-мајстор на мултимедијалниот спектакл.

Џамбазов посочи дека целта е празникот да биде за сите граѓани на независна Македонија, со посебен акцент на заедничкото славење. Во настанот ќе бидат вметнати и големите успеси на државата, спортот и уметноста.

Покрај мјузиклот, 35 години независност ќе бидат одбележани и со настапот на Дејвид Гета на стадионот „Тоше Проески“, како и со музички спектакл на плоштадот Македонија во Скопје, каде главна ѕвезда ќе биде шпанскиот тенор Хозе Карерас.