Русија го нападна Киев: Урнатини, пожари и бремена жена меѓу спасените

Најмалку пет лица го загубија животот, а повеќе од десет се повредени во новиот масовен напад на Русија врз Киев и околината што се случи ноќта меѓу 21 и 22 јуни, информираат украинските власти. Експлозиите предизвикаа урнување на згради, силни пожари и тешки оштетувања на инфраструктурата – меѓу кои и метро-станица што се користи како засолниште од почетокот на војната.

„Рускиот стил е ист – удирање таму каде што може да има луѓе“, изјави началникот на киевската воена администрација Тимур Ткаченко, укажувајќи дека ударите се насочени кон места со цивилно присуство.

Најпогодена е населбата Шевченкивски, каде што цел влез на станбен блок е срушен. Според министерот за внатрешни работи Игор Клименко, таму животот го загубиле четири лица, а под урнатините се бараат преживеани. Во поширокиот регион на Киев, гувернерот Микола Калашник потврди дека загинала 68-годишна жена, а најмалку осуммина се повредени.

Погледнете го видеото од рускиот напад.

Украинската служба за итни случаи извести дека нападот оштетил шест од десетте градски окрузи. Од теренот пристигнуваат фотографии со спасувачи кои извлекуваат луѓе од запалени објекти, а меѓу спасените се наоѓа и бремена жена, која била евакуирана навремено.

Метро-станици под оган: бомбо-засолништа што не се безбедни

Во населбата Свјатошински погодени се и инфраструктурни објекти – влезот на една од метро-станиците, како и блиската автобуска постојка. Овие подземни простори, кои со месеци служат како бомбо-засолништа за цивилите, веќе не нудат чувство на безбедност.

Ова е само последниот во низата сè поразорни напади врз главниот град на Украина. Минатата недела, во најсмртоносниот напад досега, загинаа 28 лица, а над 150 беа повредени. Украинските власти велат дека тогаш биле погодени речиси 30 цели низ Киев, во координирани бранови на напади.

Москва сè уште нема дадено официјален коментар за последниот напад. Иако и Русија и Украина негираат дека целат кон цивилни цели, статистиката од последните две години јасно говори – најголем број од жртвите се цивили, најмногу од украинската страна.