Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, денеска соопшти дека акцијата во Грчец, во скопска Гази Баба и други делови на главниот град, која сѐ уште е во тек, е спроведена за сузбивање на трговија со дрога и додаде дека од понеделник ќе почне и финансиска истрага.

– Имаме докази за недозволена трговија со дрога и други прекурсори, не сакавме пред акцијата да спроведеме финансиска истрага за да не ни ја пробијат целата акција, но од понеделник ќе почне и финансиска истрага. Година време собиравме докази, имаше ПИ-мерки, слушање комуникации и следење. Приведени се 21 лице, тие се наоѓаат во повеќе полициски станици, а како што сум информирана, по одредени лица сѐ уште се трага, информираше Русковска.

Според обвинителката, во досегашниот дел од денешната акција се приведени 21 лице, пронајдена и запленета е дрога, пари, автомобили, мобилни телефони… Акцијата се спроведува во Грчец, Гази баба, Чаир и Синѓелиќ.