Безбедносни камери забележаа драматичен момент во грчкиот град Лаврио, кога балкон од двокатна зграда се сруши директно на улица, само неколку сантиметри од жена која во тој миг минувала по тротоарот.
Инцидентот се случил во вторникот попладне, веднаш по 15 часот, во зграда во која се наоѓа популарна аптека. Според првичните информации, дел од парапетот најпрво се одвоил и паднал, а поради тежината предизвикал рушење на целиот балкон кој завршил на коловозот пред аптеката.
На видеото се гледа како конструкцијата од бетон и железо паѓа токму во моментот кога жената поминува, при што голем дел од урнатините паѓа само неколку сантиметри од неа. Таа успеала да се тргне во последен момент и да избегне фатален исход, но се здобила со полесни повреди.
Минувачи веднаш ѝ притрчале на помош и ја извлекле од местото на несреќата, додека на терен пристигнале и противпожарни екипи кои ја евидентирале материјалната штета. Во инцидентот биле оштетени четири паркирани возила, но нема пријави за сериозни повреди или жртви.
Сцената, која веќе кружи на социјалните мрежи, предизвика шок и коментари во јавноста за состојбата на старите згради во Лаврио и во други делови на Грција.