На доделувањето на Оскарите се случи инцидент, кога комичарот Крис Рок ја коментираше Џејда Пинкет Смит, сопругата на актерот Вил Смит. Тој рече дека Џејда, која носи многу кратка фризура бидејќи има алопеција, личи на Деми Мур во филмот „Џи Ај Џејн“.

Нејзиниот сопруг, Вил Смит прво се насмеа на шегата, а потоа, одеднаш стана од местото, излезе на сцената и го удри со сета сила по лице комичарот. Откако му удри шлаканица на Крис Рок, Вил Смит се врати на своето место и двапат го опцу Крис – „не го земај името на мојата сопруга во својата е…на уста“.

Комичарот, но и цела публика беа шокирани од физичкиот испад на Вил Смит. Оскаровката Лупита Нјонго, која седеше непосредно до Смит, не можеше да го скрие непријатното изненадување на нејзиното лице.

Вил Смит штотуку ми удри шлаканица, рече шокираниот Крис откако ја доби шлаканицата.

Тоа се случи малку пред Вил Смит да биде прогласен за победник во категоријата најдобра машка улога во филмот „Кралот Ричард“.

Откако ја прими златната статуетка, очигледно освестен што направил, Вил Смит заплака додека држеше говор. Актерот ѝ се извини на Академијата за филмски уметници.

Сакам да се извинам на Академијата и на номинираните, ова е прекрасен момент и не плачам затоа што ја добив наградата. Не се работи за тоа, потребно е сите други луѓе да се осветлат со светлина. Уметноста го имитира животот, сега изгледам како тој „лудиот татко“. Но, поради љубов луѓето прават луди работи. Многу работи се многу комплицирани за мене, но – ви благодарам за оваа чест, на овој момент, ви благодарам во името на Ричард и во име на целото семејство Вилијамс. Се надевам дека Академијата повторно ќе ме покани – изјави Смит.