Бугарските медиуми попладнево објавија видеоснимка од палењето на двете дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје. На снимката се гледа како едно лице се приближува кон возилата паркирани на тротоарот пред Амбасадата, од пластична кеса вади шише со непозната течност и ги полева автомобилите.
Потоа се гледа како предниот дел од автомобилот „сузуки“ гори, а лицето што го предизвикало запалувањето бега од местото. Осуда за палењето на возилата стигна од македонските власти и од бугарското Министерство за надворешни работи.
Од бугарското МНР оценија дека палењето на возилата е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза. Во реакцијата, бугарското Министерство упати критики до македонските институции поради, како што велат, недостиг на соодветен одговор во претходни слични случаи, што, според нив, создава чувство на неказнивост кај сторителите.
