Голем број граѓани се собраа на плоштадот во Приштина за да го гледаат изрекувањето на пресудата на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) преку пренос во живо.
Одлуката на Специјализираните совети во Хаг беше дочекана со неверување, тага и негодување, многумина собрани не можеа да ги сокријат солзите, држејќи ги главите додека низ плоштадот одекнуваа извици за поддршка и скандирања на ОВК.
Четворица поранешни лидери на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, беа осудени денеска во Хаг за воени злосторства извршени против најмалку 385 лица. Станува збор за првостепена пресуда во постапката против нив за воени злосторства и злосторства против човештвото.
