Сопствениците на угостителски и други деловни објекти во центарот на Белград почнаа да ги покриваат излозите со дрвени заштитни плочи додека во Србија се одржуваат вонредните парламентарни избори. Изборниот ден е проследен со засилено полициско присуство и пријави за инциденти во повеќе делови на земјата.

Според порталот „Нова.рс“, кој се повикува на телевизијата Н1, сопствениците на локалите на улицата „Крал Милан“, во близина на Републичката изборна комисија и Претседателството на Србија, ги заштитуваат стаклените излози со дрвени плочи. Во исто време, пристапот до зградата на изборната комисија е блокиран со полициски огради, а во центарот на главниот град се распоредени голем број полициски сили.

Според информациите на српските медиуми, во близина на Пионирскиот парк се распоредени припадници на Жандармеријата со опрема за разбивање демонстрации. Полициски возила се забележани и на повеќе други локации во Белград.

Во меѓувреме, инциденти се пријавуваат и во други делови на Србија. Во Качарево, во близина на Панчево, граѓани опколиле ресторан во кој се наоѓала група од околу 30 мажи. Мештаните тврдат дека групата претходно предизвикала инцидент во Земјоделското училиште во Панчево.

На местото пристигнала и полициска интервентна единица. Според тврдењата на граѓаните, полицијата била ангажирана за смирување на ситуацијата и спречување нови инциденти.

Гласачките места во Србија се отворени до 20 часот, а засилените безбедносни мерки во Белград продолжуваат во последните часови од гласањето.