Пет лица, меѓу кои и две деца, се спасени на подрачјето на островската држава Кирибати во јужниот дел на Тихиот Океан, откако поминале речиси три месеци плутајќи во чамец со должина од шест метри. Властите информираа дека уште четири лица од истата група сè уште се водат како исчезнати.

Преживеаните биле забележани во неделата од локалните жители на островот Фанинг. Се проценува дека пловилото без погон изминало растојание од околу 5.400 километри источно од Федералните Држави на Микронезија.

Американската крајбрежна стража базирана во Гуам потврди дека станува збор за чамец со девет патници кој бил пријавен за исчезнат откако на 30 јули не пристигнал на островот Руо. По исчезнувањето била спроведена десетдневна спасувачка операција која опфатила морска површина од 85.700 квадратни километри, но тогаш не биле пронајдени никакви траги.

„Неверојатна и прекрасна вест е што овие 5 лица се пронајдени и им е помогнато. Им изразуваме најдлабоко сочувство на семејствата и пријателите на оние кои не успеаја“, изјавија од Крајбрежната стража на САД за агенцијата Асошиејтед Прес.

Во врска со судбината на преостанатите четворица исчезнати патници, надлежните служби соопштија дека продолжуваат со прибирање и верификација на сите достапни информации од теренот.

Пратеникот од Кирибати, Каотитаке Ракоро, изјави дека локален свештеник веднаш презел грижа за згрижување на пронајдените патници на островот.

Медицинскиот работник Паукин Тороро информираше дека сите пет лица биле во состојба на тешка дехидрација и хронична исцрпеност, поради што веднаш им била вклучена интравенска терапија.

„Тие веќе можат да се насмевнат и да покажат дека сакаат да јадат“, рече Тороро.

Преживеаните патници сè уште не даваат изјави за медиумите и побарале целосна приватност додека трае нивното физичко закрепнување.

Според првичните информации, групата тргнала на кратко едночасовно патување меѓу островите Мурило и Руо, но за време на пловидбата биле зафатени од силна тропска бура која ги одвлекла на отворено море.