Скандал во Втората лига: Кожуф му подари победа на Башкими?
Скандалозна завршница ја одбележа фудбалската средба од Втората македонска фудбалска лига помеѓу Кожуф и Башкими. Гостинскиот тим победи со 1-2, благодарение на гол постигнат во 94. минута, но вниманието не го привлече резултатот – туку начинот на кој тој беше постигнат.
Погледнете го скандалозниот гол.
Пасивност на одбраната и голманот на Кожуф, Башкими лесно дава гол
Најмногу сомнежи предизвика ситуацијата при последниот гол, кога целата одбрана на Кожуф – вклучително и голманот – буквално стоеја неподвижни пред својот шеснаесетник, без обид за реакција. Фудбалерите на Башкими, полесно дури и од тренинг-акција, го реализираа голот за победа.
Реакции: Обид за местење и нарушување на фер-плеј
Сцените од теренот предизвикаа лавина реакции во јавноста. Настанот се оценува како сериозен обид за местење на резултат и грубо нарушување на спортскиот фер-плеј. Повици за итни санкции стигнаа од повеќе страни, вклучително и од министерот за спорт, Борко Ристовски, и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Соопштение од ФФМ: „Нема да има заштитени“
Фудбалската федерација на Македонија реагираше со остро и недвосмислено соопштение:
„Сцените што сите ги видовме на теренот и однесувањето на поединци претставуваат директна навреда за фудбалот, за фер-плејот и за сите што со чесна намера учествуваат во спортот… Нема да има заштитени – секој што го нарушил интегритетот на натпреварувањето ќе биде соочен со одговорност.“
ФФМ најави дека ќе постапи по официјалните извештаи од натпреварот, и дека ќе преземе сите потребни дисциплински мерки.
Министерот Ристовски: Можно одземање на лиценците
Министерот за спорт, Борко Ристовски, оди и чекор понатаму:
„Ќе ги почекаме извештаите од ФФМ и доколку се потврдат сомнежите, на фудбалските клубови Кожуф и Башкими по итна постапка ќе им биде одземена дејноста спорт.“
Според него, целта е расчистување со, како што рече, „ѓубрето што со години го труе македонскиот фудбал“.