Јавноста и денеска е покуса за информацијата каде летува Димитар Ковачевски и од кога е заминат во странство, имајќи предвид дека е објавено интервју со него кое што не кореспондира со реалноста и актуелните случувања. Да бевме малициозни ќе прашавме дали интервјуто е резултат на изложеност на сонце или место Ковачевски одговарал Артан Груби?, ова денеска преку прес-конференција го прашува Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Но… Пораките на Ковачевски во последното интервју се несериозни и не може да се врзат со реалноста. Ковачевски се повикува на непостоечки изјави од Софија дека, како вели, нема нови услови. Истовремено, нема осуда за пораките за 2-ри Август од Софија. Имено и бугарскиот претседател Радев и бугарскиот премиерот Денков, Илинденското востание го декларираа како бугарско, чија крајна цел била присоединување на Македонија кон Бугарија. Ова е историска невистина, претставува директно негирање на македонскиот идентитет и темелот на македонската државност, но и патоказ за бугарското делување во иднина. Ковачевски ова го премолчи во интервјуто и нема ниту збор за него. Јасно е дека Бугарија е подготвена преку протоколите и преговарањето за заедничката историја да го смени целосно наративот на македонската историја и државност и истото да го претвори во услов за нашето напредување кон Европа. Ковачевски ова го прифати, па сега бара национален консензус. Што значи, со други зборови, други да ја споделат со него одговорноста за катастрофалната политика и дипломатија. Националното единство Ковачевски со неговата ароганција и игноранција пропушти да го направи пред точно една година. И тогаш и сега порачуваме, промена на Уставот под бугарски диктат нема да има! И тогаш и сега велиме: потребни се институционални гаранции од ЕУ за многувековниот идентитет на македонскиот народ, но и гаранции дека процесот на преговори нема да се претвори во подвижна цел во која ќе следат нови и нови условувања до целосна асимилација на Македонија и македонскиот народ. Промената на Уставот под бугарски диктат не е решение, туку само ги отвора апетитите на негаторските кругови во Бугарија, вели Стоилковски.
Тој додава дека за ова прашање, Ковачевски нема национален консензус со над 85% од јавноста.
-Единствениот консензус којшто е можен и неопходен е консензус за итни предвремени избори. Изборите имаат за цел суверенот на Македонија, народот, да каже каква политика ќе се води по ова прашање. Борбата за интересите на Македонија е долга и нема предавање и доведување пред свршен чин, вели Стоилковски.