Малолетно девојче од Струмица било безбедно во својот стан, иако неколку часа не одговарало на телефонските повици и на ѕвонењето на вратата. Нејзините родители, загрижени што не можат да стапат во контакт со неа, побарале помош од пожарникарите.
Интервенцијата се случила вечерта на улицата „4 Јули“, во стан на четвртиот кат. „За родителите особено вознемирувачка акција“, напишаа од Територијалната противпожарна единица Струмица.
Пожарникарите-спасители пристигнале со авто-скала и преку терасата успеале да овозможат отворање на вратата и да влезат во станот. Таму утврдиле дека девојчето не е во опасност.
„А таму – наместо опасност, ги дочека една сосема неочекувана глетка. Девојчето беше безбедно и едноставно спиеше во длабок сон, не слушајќи ги ниту телефонските повици, ниту ѕвонењето на вратата“, објавија струмичките пожарникари.
Исходот им донел олеснување на сите, особено на родителите.
„За пожарникарите можеби необична интервенција, но за родителите – огромно олеснување“, соопшти ТППЕ Струмица.
