Утрово во студиото на Радио Лидер беше Томе Костов, еден од измамените од Лајонес, фирма која неколку пати го менуваше името, а претходниот месец и официјално отиде во стечај.
Тој најпрво ги раскажа неговите почетоци. Почнал сам, но отпосле му помогнале родители.
Јас имав 17 години кога влегов во Лајонес, првата картичка беше на име на татко ми. Со негова согласност ја земав картичката. Целата приказна тогаш има поента затоа што личеше легално. Ја користевме во Тренд, Макпетрол, Рептил и враќаше пари назад и шопинг поени кои се користеа за дополнителни попусти. Во тоа време, препорачателот и тој над него се откажаа и јас ја имав само картичката и ја имав дадено на најблиските. Отприлика околу осум месеци немав станато маркетер и само ги користев картичките. 2017 и 2018 година беше златната година на овие преваранти кои го ширеа бизнисот затоа што тогаш имаше најголема посетеност на тие бизнис инфо презентации, започнува Костов за Радио Лидер.
Костов вели дека првпат бил на презентација во Александар Палас, а поените во Лајонес најчесто се собирале со инвестирање во облаци и unit-и (јунити). Тој објаснува дека првпат седел со Марко Стојковски Линка којшто му ги објаснувал „облаците“ во Лајонес.
Ние сите бевме млади дечки, отприлика 20 луѓе, кои во тој момент не сме биле свесни. Сум бил млад, глупав, наивен и не сум сакал да ги слушам другите луѓе, но не сум бил свесен дека стои зад ова преголема измама на светско ниво. Едноставно, они убедуваа дека треба да се купува и да се инвестира во светскиот обрт, облаците.
Бил на презентација и во хотел Континентал каде се зборувало за облаци. Своевремено тој бил малолетен, па му помогнале мајка му и татко му. На крајот како и многу наши сограѓани завршиле со длабок минус на своето конто. Тој го објасни т.н. „италијански облак“.
Тогаш лажеа дека се приклучени Интер и Милан во италијанскиот облак и дека делат картички на луѓето кои ќе инвестираат во облакот. Се правеше структура на потрошвуачи каде делеа за облакот. Екипата од страна на Зоран Витанов, Антонио Леитнер, Марко, Страшо Тодоров не убедуваше во ова, вели измамениот од Лајонес.
За да се влезе во елитниот клуб требало да се вложи најмалку 2400 евра.
После презентација во Мериот ги убедив мајка ми и татко ми да инвестираат во тие облаци, условот беше да си премиум член каде ќе вложиш најмалку 2400 евра. А со тоа си можел да бидеш дел од тие т.н. италијански облаци. Уплативме јас (татко ми) и моите блиски пријатели. Во тој момент никој не беше свесен за нивните манипулации, лаги и интриги, завршува Костов.
Погледнете ја целата емисија.