Шпанскиот крал Фелипе Шести упати емотивна порака до семејствата на настраданите во судирот на двата брзи воза во провинцијата Толедо, каде што животот го загубија најмалку 68 лица. Монархот порача дека во моментов од клучно значење се солидарноста, сочувството и целосната поддршка за настраданите.

Веста за трагичниот настан го затекна шпанскиот суверен за време на воени активности во близина на Валенсија. Тој веднаш оствари контакт со претседателот на регионалната влада на Кастилја-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, со цел да се информира за спасувачките активности и за состојбата на теренот.

„Штом ја видовме веста за страшната несреќа кај Толедо, пред сè, сакаме да ја изразиме нашата длабока тага. Првата и најважна работа во овој момент е да им ги пренесеме на семејствата нашето сочувство, нашата болка, нашата поддршка и целата наша наклонетост во овие исклучително тешки и болни моменти“, изјави Фелипе Шести.

Шпанскиот монарх потенцираше дека главното внимание мора да остане кај жртвите и нивните блиски, а упати благодарност до медицинските екипи, итните служби и спасувачите на терен. Заедно со кралицата Летисија, преку официјално соопштение беше испратена порака на поддршка до сите повредени лица.

По повод трагедијата реагираше и шпанскиот премиер Педро Санчез, кој нагласи дека институциите мора детално да ги утврдат причините за овој тежок инцидент.

„Недозволиво е земја како Шпанија да преживее две катастрофи со брзи возови во иста година, како овие на кои бевме сведоци“, изјави Санчез.

Санчез притоа потсети на несреќата во Адамус во Андалузија од јануари истата година во која загинаа 46 лица. Премиерот потенцираше дека евентуалните пропусти или небрежност нема да останат без правни последици.

На местото на железничкиот судир во близина на местото Урда распоредени се спасувачки хеликоптери и амбулантни возила. Во несреќата на линијата Мадрид – Севилја учествуваа композиција на државната компанија „Ренфе“ и воз на операторот „Ајро“, додека истрагата за трагедијата продолжува.