Четиринаесет луѓе загинаа, а десетици се повредени во тежок верижен судар што се случи во Фуџаира, Обединети Арапски Емирати. Во оваа катастрофална сообраќајна несреќа учествувале вкупно 23 возила, меѓу кои и 5 товарни камиони.
Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати, несреќата ја предизвикал возач на камион кој изгубил контрола врз возилото и со голема брзина налетал на колоната автомобили. Од силината на директниот удар камионот веднаш се запалил, по што пламенот брзо се проширил и зафатил неколку соседни возила.
Полициските служби во Фуџаира потврдија дека вкупно 30 лица се здобиле со телесни повреди и итно се хоспитализирани во најблиските медицински центри. Меѓу настраданите лица и жртвите се регистрирани државјани на Оман, Индија, Бразил, Пакистан, Јордан и на Египет.
