Претседателот Доналд Трамп објави дека американската војска извршила уште еден „смртоносен кинетички удар“ врз брод обвинет за транспорт на дрога.

„Тројца нарко-терористи се убиени, Американци не се повредени“, напиша Трамп на Truth Social.

Според него, бродот се наоѓал во меѓународни води во зоната на одговорност на Јужното командување на САД, кое ги опфаќа Карибите и Јужна Америка.

„Разузнавачките служби потврдија дека бродот шверцувал нелегални наркотични средства и се движел по познат коридор за наркотици, со цел да ги отруе Американците. ПРЕСТАНЕТЕ ДА ПРОДАВАТЕ ФЕНТАНИЛ, НАРКОТИЦИ И НЕЛЕГАЛНИ ДРОГИ ВО АМЕРИКА И ДА ВРШИТЕ НАСИЛСТВО И ТЕРОРИЗАМ ВРЗ АМЕРИКАНЦИТЕ!!!“, додаде претседателот.

Ова е трет јавен удар во септември, претходно два бродови беа нападнати, а Трамп тогаш обвини дека потекнуваат од Венецуела. Венецуела сè уште не дала изјава.

Неколку демократски пратеници се спротивставија на нападите, тврдејќи дека администрацијата на Трамп не дала законско оправдување за користење на војската:

„Акциите на претседателот Трамп се скандалозно кршење на законот и опасен напад врз нашиот Устав“, рече сенаторот Џек Рид.

Белата куќа потврди дека ударите се спроведени „согласно уставната власт на претседателот како врховен командант и врвен извршен орган за спроведување на надворешната политика и националната безбедност“.