Автобус излета од патот кај Сремска Митровица

Во тешката сообраќајна несреќа што се случи вчера на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, автобус излета од патот, при што животот го загубија три лица – две на лице место, а едно почина во болница поради тешките повреди.

Од Општата болница во Сремска Митровица за РТС потврдија дека состојбата на 39 повредени патници е стабилна, но сериозна. Осум лица се на Одделението за интензивна нега, дваесет на Општа хирургија, а единаесет се згрижени на Ортопедија, пренесе „Телеграф“.

На социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како автобусот, со помош на јажиња, се извлекува од местото на несреќата и се транспортира кон главниот пат, кој по интервенцијата повторно беше отворен за сообраќај.

Возачот приведен, обвинение за тешко дело

Министерството за внатрешни работи на Србија информира дека е уапсен 70-годишниот возач на автобусот, Д. К., вработен во превозникот „Сирмиум автобус“.

Тој е осомничен за тешко дело против безбедноста на јавниот превоз и за предизвикување сообраќајна несреќа со три жртви, а на возачот му е определен притвор до 48 часа.

Акција за дарување крв и работа на здравствените тимови

Доктор Воислав Мирниќ од Општата болница во Сремска Митровица изјави дека по несреќата биле примени 61 пациент, од кои 39 останале на набљудување.

„Осум тешко повредени се на интензивна нега, две лица беа во операциона сала, а еден пациент, за жал, почина. Еден повреден беше пренесен во Центарот за итни случаи во Белград“, рече Мирниќ.

Тој додаде дека во приемот и згрижувањето учествувале над 120 здравствени работници и техничари, кои за само 45 минути транспортирале 35 пациенти до болницата, објави 4NEWS.mk.

Иако моментално има доволно залихи на крв, болницата упати апел до граѓаните да се приклучат на акцијата за доброволно дарување крв, што ќе се одржи утре во Црвениот крст на Сремска Митровица, од 8:30 до 13 часот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 192.RS (@192_rs)