Фотографии на кои се гледаат лица во костими за капење како се качуваат по надворешниот ѕид на кулата на црквата „Св. Никола“ во Маврово предизвикаа реакции на социјалните мрежи.
Авторот на објавата тврди дека станува збор за посетители кои пристигнуваат со комбиња и директно се качуваат на објектот на храмот, притоа облечени во костими за капење.
Според него, црквата претставува свет и духовен простор, но и дел од културното и туристичкото наследство на Маврово, поради што смета дека е потребно да се воспостават правила за однесување околу објектот.
Авторот бара реакција од надлежните институции и појасни дека целта на објавувањето на фотографиите не е да се навредат туристите, туку да се укаже на проблемот и да се побара воспоставување ред.
„Дали некој ги предупредува посетителите дека станува збор за црковен храм? Дали постојат правила за пристап и однесување околу објектот?“, прашува тој.
