Кафуле во Лима започна да служи кафе со ликот на папата Лав XIV, кој на 11 ноември пристигнува во посета на Перу. Локалот „Јн Кофи“ од минатиот месец во својата понуда има капучино, лате и еспресо со ликот на поглаварот на Римокатоличката црква, изработен со помош на какао врз млечната пена увезено директно од регионот на Амазонија.
На гостите им се нудат две верзии од овој необичен напиток, односно насмеан папа и папа прикажан во молитва. Шанкерката Аријана Малма најпрво го лади какаото, по што со прецизни движења го црта ликот на папата врз густата млечна пена.
„Среќна сум што ова допре до толку многу луѓе. И тоа не само затоа што доаѓа папата, туку и затоа што специјалното кафе во Перу е многу малку препознатливо. Мислам дека ова е добра можност да се допре до луѓето ширум светот“, изјави Малма.
Според сопственикот на кафулето, Карлос Риско, ова претставува извонредна промоција на перуанското кафе и на неговиот врвен квалитет на глобално ниво.
„Знаеме дека папата пие од нашето кафе и дека му се восхитува. Во Перу имаме кафе со висок квалитет, но целта ни е да добиеме уште една можност за промоција“, изјави Риско.
