Франција забележа уште една лесна победа на Светското првенство. Во 1/16 финалето, Французите ја победија Шведска со 3:0 (1:0). Во осминафиналето, Франција ќе игра против Парагвај, кој вчера сензационално ја елиминира Германија.

Во првите пет натпревари, од првата елиминациска рунда, имаше голема незивесност, три натпревари беа решени во финишот, два по изведувањето пенали, но на стадионот во Њу Џерси, Франција не им даде шанса на Швеѓаните.

На „МетЛајф“ стадионот, присутните беа сведоци на апсолутна доминација, на главниот фаворит за титулата. Вистинско чудот е како „Галските петли“ постигнаа само еден гол во првото полувреме.

Имаа 15 удари кон голот на Зетерстром, шведскиот голман блескаше на голот, два пати и стативата беше негов сојузник, но не можеше да направи ништо во 45-та минута, кога Мбапе изведе вистинска минијатура и го погоди подалечниот агол.

 

Веднаш по голот, Шведска имаше две солидни шанси, но Мењан немаше потреба да реагира.

Во вториот дел, Франција упте малку го засили ритамот, блескаше Мајкл Олисе со асистенции за Бредли Баркола во 53-та и Мбапе во 74-та минута. Мбапе со двата гола се изедначи со Лионел Меси, двајцата досега постигнаа по шест гола, еден повеќе од Халанд.

 

Олисе, претходно имаше неколку обиди од далечина, но немаше среќа да погоди.

Последната шанса на натпреварот ја имаше Виктор Ѓекереш, во 89-та минута не шутираше добро и Мењан одбрани.

Мексиканската фудбалска репрезентација се пласираше во осминафиналето на Светското првенство откако го победи Еквадор со 2:0 пред домашните навивачи во Мексико Сити.

Со овој триумф, Мексиканците завршија долга серија неуспеси во нокаут фазата на светските првенства. Последен пат победија во првиот елиминациски натпревар во 1986 година, кога стигнаа до четвртфиналето. После тоа, седум последователни настапи завршија со пораз на првата пречка, додека на претходното Светско првенство во Катар, не успеаја ниту да ја поминат групната фаза.

Мексико поведе во 22-та минута преку Хулијан Кињонес. По одлично додавање од Роберто Алварадо, напаѓачот на Ал-Кадсија избега од одбраната на Еквадор, влезе во шеснаесетникот и со прецизен удар ја погоди мрежата за 1:0.

Само девет минути подоцна, домашната екипа го дуплираше водството. Мексиканците ја искористија грешката во одбраната на Еквадор, а по убава тимска акција, Раул Хименез го погоди горниот десен агол од голот со силен удар од работ на шеснаесетникот за конечни 2:0.