Експлозија одекна во Лахор – страв од ескалација меѓу Индија и Пакистан

Силна експлозија утрово го потресе источниот пакистански град Лахор, објави Geo TV повикувајќи се на изјави на очевидци. Засега не се познати причините за експлозијата, ниту дали таа е директно поврзана со актуелниот воен конфликт меѓу Индија и Пакистан.

Инцидентот доаѓа само еден ден по воздушните напади на Индија врз повеќе локации во Пакистан, кои официјално беа насочени кон „терористичка инфраструктура“. Нападите уследија по обвинувањата на Њу Делхи дека Пакистан стои зад нападот во индиски Кашмир во кој загинаа 26 лица, главно хинду туристи.

Погледнете повеќе од видеото во продолжение:

Загуби на двете страни – загриженост од широка ескалација

Одговорот на Исламабад не доцнеше. Пакистанските власти тврдат дека собориле пет индиски воени авиони, а најмалку 31 цивил е убиен. Во меѓувреме 50 се ранети во нападите и прекуграничното гранатирање.

На индиската страна, властите соопштија дека 13 цивили се убиени, а 43 се ранети. Иако интензитетот на престрелките се намалил во текот на претходната ноќ, тензиите сè уште се високи.

Мерки на претпазливост и можност за нова ескалација

Ројтерс јавува дека Индија извршила вежби за затемнување во пограничните региони, вклучувајќи го и северниот град Амритсар, каде што се наоѓа Златниот храм – свето место за припадниците на сикхистичката вера. Овие мерки се дел од подготовките за можни одмазднички напади од Пакистан.

Во моментов, не е потврдено дали експлозијата во Лахор има директна врска со вооружениот конфликт, но случувањата го зголемуваат стравот од понатамошна ескалација меѓу двете нуклеарни сили.

Извор: Плусинфо