Министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски уверува дека средствата на осигурениците во Вториот пензиски столб се гарантирани со закон и Устав, дури и во случај на евентуални промени во пензискиот систем.

Во вчерашното гостување на ТВ Сител, Велковски посочи дека средствата на осигурениците се нивна лична сопственост и дека се заштитени и со законски и со уставни гаранции.

Одговарајќи на прашање дали парите би биле наследни доколку дојде до евентуално спојување на Првиот и Вториот пензиски столб, министерот нагласи дека заштедените средства остануваат на граѓаните.

„Сето тоа што е штедено, секој од нас што штедел, што и да се случи, парите се негови. Тие се загарантирани и по Закон и по Устав. Граѓаните не треба да имаат дилема дека тие пари се нивни и се заштедени“, изјави Велковски.

На прашањето дали постои можност средствата од Вториот столб да бидат префрлени во Првиот столб и граѓаните да останат без нив, министерот одговори дека тоа не може да се случи.

„Не, тоа не може да се случи бидејќи тие се нивни заштедени средства“, порача министерот.