Пред само една година, во предизборниот спот во кампањата за парламентарните избори, еден од челниците на СДСМ во просториите на една од текстилните фабрики во Свети Николе кажуваше дека правата на работниците се светост, ветуваше повисоки плати и пристоен живот за текстилните работници, истакнува Дејан Владев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Свети Николе.

Во продолжение следува интегрален текст од неговиот коментар:

Но, што се случува денес со текстилните работници во една од најголемите текстилни фабрики во Свети Николе во која до пред пет години работеа преку 1.000 работници?

Стотина вработени на определено време останаа без работа. Има најава од раководниот тим на оваа фабрика дека во наредниот период уште стотина други вработени ќе бидат прогласени за технолошки вишок.

Моментално вработените се испратени на принуден одмор и им се поделени решенија за плата со кој им се исплатува 70% од личниот доход.

Стравот и неизвесноста се секојдневие за овие работници бидејќи на крајот на работниот ден чекаат да видат дали ќе им биде доделено отказно решение.

Само да споменеме дека еден од сопствениците на оваа фабрика е поранешен пратеник од СДСМ и актуелен претседател на Организацијата на работодавачи на Република Македонија.

Граѓаните на Свети Николе прашуваат и шпекулираат дали на овој начин се обидуваат да затворат едната фабрика која е Акционерско друштво за да може да се продолжи со работа во другата која што е ДООЕЛ?

После овој земјотрес, градоначалникот Велковски заедно со советникот на Заев задолжен за труд и социјална политика и ССМ организираат средба со отпуштените работници за изнаоѓање на решение.

Свесен за тоа што го чека на претстојните локални избори, после постапката на својот сопартиец, прави очаен обид за свесна манипулација со чувствата на отпуштените работници, се со цел ако може да се спаси по некој глас, заборавајќи дека немаат ама баш никаква законска можност во оваа проблематика, ветувајќи невозможни решенија од типот за посредување при вработување во други приватни фабрики.

Ситуацијата да биде уште потрагична, само неколку дена претходно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија поднесоа амандман за финансиска поддршка на работниците од текстилната индустрија кој беше експресно одбиен од пратениците на СДСМ. А, тука глумат загриженост за нив. Која патетика.

Престанете да си играте со чувствата на овие текстилни работници и да глумете лажна емпатија.

Престанете да ги гледате само како број, само како глас.

Потребно е да се изнајде систематско решение со кое еднаш засекогаш ќе се решат првата на текстилните работници.

А, вакво Решение Вие не можете да изнајдете бидејќи Вас ве интересираат само дневно политички работи заради добивање на по некој глас.

Затоа после локалните избори следуваат предвремени парламентарни избори после кои ќе дојдат чесни и стручни луѓе кои ќе изнајдат соодветно решение со кое конечно ќе се решат правата на текстилните работници.