Благодарност до лекарите од „Систина“

Маја Блажева, сопругата на починатиот македонски музичар Владимир Блажев – Панчо од групата „ДНК“, емотивно им се заблагодари на лекарите и медицинскиот персонал од приватната болница „Систина“, кои цели седум месеци се бореа за неговиот живот по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.

„Вие бевте тие кои ми дадовте седум месеци можност да се гушкам и зборувам сѐ што не си кажавме цел живот. Ви благодарам за секоја секунда посветена од сите вас, како болница која ми станавте втор дом. Нема зборови и нема утеха, а знам дека сте и вие скршени од болка“, напиша Блажева на Фејсбук.

Последно збогум до саканиот сопруг

Во посебна објава, Маја се прости и од својот сакан сопруг, со кого беше во брак од 2013 година и има два сина, Андреја и Марјан.
„Не се договоривме вака, душо моја, љубов моја, живот мој. Ме скрши на милион делови“, напиша таа, споделувајќи ја својата болка по загубата.

Реакција од болницата „Систина“ и истрага на Обвинителството

Од болницата „Систина“, каде што Панчо се лекуваше, се простија со потресна порака:

„Почивај во мир, драг наш Панчо. Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета… Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја… Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство, се боревме и верувавме.“

Јавното обвинителство потврди дека ќе издаде наредба за обдукција на телото на Блажев.

Панчо е уште една жртва во трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Од групата „ДНК“, преживеани се само вокалистката Ана Костадиновска и гитаристот Горан Тонев.