Лицата на средна возраст и постарите лица со ниски нивоа на витамин Д спијат во просек 23 минути помалку од оние со нормални нивоа, според ново истражување кое го следело спиењето со помош на сензори што се носат. Студијата ја водеа Школата за јавно здравје „Џонс Хопкинс Блумберг“ и Националниот институт за стареење (NIA), а беа користени податоци собрани од 2012 до 2019 година како дел од долгорочната студија за стареење во Балтимор. Научниците анализирале примероци од крв и податоци за спиење на 460 возрасни лица над 40 години, со просечна возраст од 71 година.

Откако ги поделиле учесниците во три групи според нивните нивоа на витамин Д, научниците откриле дека групата со највисоки нивоа спиела речиси 20 минути подолго од групата со најниски. Луѓето со пониски нивоа на витамин Д, исто така, останувале будни подолго откако ќе се разбуделе среде ноќ. Овој модел се повторувал без оглед на возраста, полот или расата на учесниците.

Врската помеѓу витаминот Д и сонот беше најсилна кај црнците, кои сочинуваа околу 22 проценти од испитаниците.

„Црнците во Соединетите Американски Држави имаат поголема инциденца на недостаток на витамин Д и нарушувања на спиењето во споредба со белците. Затоа, тие можат да имаат поголема корист од зголемување на нивоата на витамин Д“, рече во соопштението водечкиот автор Диефеи Чен, докторант по епидемиологија на Школата „Џонс Хопкинс Блумберг“.

Повеќето претходни студии на оваа тема се потпираа на субјективните проценки на учесниците за квалитетот на нивниот сон. Во ова истражување научниците користеле крвни тестови и актиграфи ‒ сензори за движење слични на часовник кои прецизно ги мерат периодите на спиење и будност.

Тимот, исто така, ги проверил нивоата на витамин Б12, кои претходните студии исто така ги поврзале со спиењето. Повисоките нивоа кај жените биле поврзани со помалку ноќни будења, а кај мажите со повеќе, но авторите забележуваат дека овие резултати не се статистички конечни. Наодите беа објавени на 14 октомври во The Journal of Gerontology: Medical Sciences.

Лошиот сон и недостатокот на витамин Д се чести проблеми кај постарите лица, а претходните истражувања ги поврзаа нарушувањата на спиењето со поголем ризик од деменција, срцеви заболувања и дијабетес.

Сепак, студијата има неколку ограничувања. Бидејќи истражувачите ги анализирале постојните податоци и не го тестирале третманот во клиничко испитување, тие можеле да утврдат само поврзаност. Наодите не докажуваат дека ниските нивоа на витамин Д директно предизвикуваат лош сон, ниту дека земањето додатоци ќе го реши проблемот.

Крвните тестови не можат да направат разлика помеѓу витамин Д добиен од сончева светлина, храна или додатоци, па затоа студијата не можела да утврди дали изворот на витаминот е важен. Истражувачите, исто така, не следеле дали промените во нивоата на витамин Д кај поединецот во текот на годините доведуваат до промени во сонот.

Со оглед на тоа што сите учесници биле на возраст од 40 години или постари и немале когнитивно оштетување, резултатите може да не се однесуваат на помлади лица или возрасни со проблеми со меморијата и расудувањето.

„Овие резултати нè охрабруваат понатаму да истражиме дали зголемувањето на нивоата на витамин Д може да го подобри квалитетот на спиењето“, рече главниот автор на студијата, Адам Спира, професор по ментално здравје на Школата „Џонс Хопкинс Блумберг“.