Пред два дена на социјалните мрежи се појави видео во кое Седат Пекер, кој во Турција го претставуваат како лидер на голема криминална организација, на турски јазик тврди дека се сретнал со премиерот на државата и со други политички лидери.
– Премиерот Заев и неговото семејство немале контакти со споменатото лице. Тие не се доведени во никаква врска со споменатото лице и тоа го отфрламе како лага, рече владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.
Пекер е актуелен изминатиот период во Турција затоа што на своите социјални мрежи преку видеопораки се пресметува со турската држава која има распишано потерница по него. Тој е дел од актуелната афера во Македонија, „Мафија“, која се однесува на издавање документи (пасоши и лични карти) со лажни идентитети на водачи на разни криминални групи во регионот.
Во едно од видеата, Пекер наводно зборува за тоа дека бил пријател со македонскиот премиер Зоран Заев и со лидерите на сите политички партии во Македонија. Исто така, вели дека бил депортиран само затоа што визата за престој во Македонија му истекла. Засега, меѓутоа, не потврдува дека има македонска исправа.