По неколкуте шлаканици од Соединетите Американски Држави за кратко време за нивото на корупција во секој јавен сектор во државава поради кои и американски тим дојде во земјава, последниот извештај на Стејт департментот е меѓу најалармантните досега. Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл“ вели дека ни милијардите американски долари за ублажување на корупцијата не функционираат додека на чело се сегашните функционери, кои според неа, иако неколкупати биле опоменати за проблемот, продолжиле да молчат, објави АЛСАТ.
Тасева не верува дека случаите на висока корупција можат да бидат расчистени од домашните институции. Според неа, земјава е дојдена до точка кога по секоја цена треба да се бара од меѓународниот фактор да ги истражи овие случаи. Се работи за меѓународни кривични дела, односно парите што овде се заработуваат преку корупција завршуваат во странство преку купување имоти и слично.
Поради ова, Тасева и адвокат Насер Рауфи за АЛСАТ ја повторија итната потреба од ветинг во судството. Според нив, треба да се истражи поврзаноста на судството и јавното обвинителство со организираниот криминал и корупцијата. Без тоа да се направи државата не може да оди напред.
„Посебно во случаите кога се обвинети лица кои се функционери или богати, многу ретко се случува или никогаш не се случило лице кое е функционер или во политиката да биде обвинето и повеќе да не се соочи со никаква казна, тоа важи и за оние кои се богати. Мислам дека ветингот е неопходен бидејќи судските постапки покажуваат дека има многу селективна правда. Виновните и силните се заштитени, некои се ослободени или воопшто не се обвинети“, вели Рауфи.
Ова не е првпат меѓународните институции да алармираат за нивото на корупција и правда во земјава. Во последниве месеци овие два сектора се во фокусот на меѓународните критики.
Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент се истакнува фактот дека цвета корупцијата во власта, затворите и судовите. Се посочува и дека постојат сектори во кои граѓаните се соочуваат со екстремна дискриминација, нехуман третман, насилство и закани.