Владата на Македонија ги усвои законските измени со кои се воведуваат почести и построги контроли за фирмите кои имаат лиценци од Министерството за транспорт. Ова следи по трагедијата во Кочани, каде што во пожар загинаа 59 лица.

Со овие законски измени задолжително ќе се контролираат сите компании со лиценци, одобренија или овластувања. Контролите ќе се вршат најмалку двапати годишно, а не како досега на доброволна основа.

Дополнително, како што додаваат од Владата, новите законски измени јасно пропишуваат дека жалбите нема да го одложуваат извршувањето на санкциите. Ова значи дека суспензијата или одземањето на лиценцата ќе стапи во сила веднаш.

Владата ги усвои законските измени: Kонтролите ќе се вршат минимум двапати годишно

Од Владата велат дека целта на овие законски измени е зголемување на квалитетот и сигурноста на услугите кои ги добиваат граѓаните.

„Со оглед на фактот дека Министерството за транспорт издава голем број дозволи, одобренија, овластувања и лиценци, овие законски измени предвидуваат воведување задолжителна проверка на сите нивни носители најмалку два пати годишно согласно законската регулатива. Секако, тоа не ја исклучува можноста инспекциските служби да прават и почести контроли од законски пропишаните, сè со намера да се обезбедат поквалитетни и побезбедни услуги за граѓаните кои ги користат услугите на лиценцираните компании“, стои во официјалното соопштение на Владата.

Дополнително, како што додаваат од Владата, законските измени предвидуваат дека за следните контроли жалбата нема да го одлага извршувањето, односно суспензијата ќе стапува во сила веднаш.

Николоски најави одземање на лиценците на 479 компании

Министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски објави дека веќе биле извршени контроли на над 3.100 лиценци. Сите овие контроли биле  во областа на градежништвото и урбанизмот. Притоа, било утврдено дека 479 компании веќе не ги исполнуваат условите за задржување на лиценците и истите ќе им бидат одземени.

Лиценците биле одземени на фирми кои поседуваат А лиценца за изведувач на градби од прва категорија. Одземени биле и лиценци за фирми со Б лиценца за градби од втора категорија. Исто така, санкционирани се компании со лиценци за управување и одржување на градби и објекти, како и фирми за изработка на урбанистички планови.

Министерот Александар Николоски појасни дека проверките ги утврдуваат условите за бројност и квалификација на вработените во компаниите. Тој додаде дека за квалитетот и временската реализација на изведбите постојат дополнителни надзорни механизми кои ги вршат контролите.

Николоски истакна дека новите законски измени имаат за цел јасно да ја дефинираат одговорноста на компаниите:

„Целта на овие законски измени воопшто не е казнување на компаниите, туку гаранција дека компаниите кои доброволно прифатиле да ги исполнуваат законските услови, навистина и ќе ги исполнуваат.“

По усвојувањето од Владата, законските измени треба да бидат усвоени и во Собранието за да стапат во полна сила.