Со ова се потврди информацијата што претпладнето ја објави „360 степени“ за разрешувањето на Петровска, а за што не добивме ниту потврда ниту демант од Владата, бидејќи портпаролите не одговорија ниту на телефонските повици ниту на нашите пораки.

Засега не се знае кои, официјално, се причините за разрешувањето на Петровска. Јавна тајна е оти Петровска, која за директорка дојде како кадар на ДОМ, е во конфликт со лидерката на партијата, Маја Морачанин, и дека разрешувањето може да се смета за кулминација на внатрепартиските случувања.

Петровска, во телефонски разговор, утрото не сакаше да ги коментира најавите за нејзино разрешување, а тоа не сакаше да го коментира ниту на прес-конференциата на која даваше отчет за сработеното на Државниот инспекторат за животна средина за првите шест месеци од годинава. Таа дојде на чело на ДИЖС во октомври минатата година.